Македонија
18. јуни 2020 - 16:31

Гори депонија кај Струмица

Гори депонијата кај селото Добрашинци на кој се одлага отпадот од општините Василево и Струмица. Пожарот се појавил вчера од кога и целото село е покриено со густ чад поради кој тешко се дише. За да се заштитат, жителите  биле принудени да седат дома со затворени врати прозорци. Велат ова не е прв пат, вакви појави имало многу и затоа бараат итно решение на проблемот, во спротивно не ја исклучуваат можноста од блокирање на возилата кои го носат отпадот.

Од ЈПКД Комуналец информираа дека депонијата била запалена вчера. Најверојатно од несовесни граѓани кои се движат на овој дел, пред се за собирање на пластичен отпад. Веднаш по избивањето пожарот брзо се проширил, но истиот веќе бил ставен под контрола. Освен градежната механизација и возила од Комуналец во гаснењето учествувале и противпожарни возила од Струмица и Радовиш. Од комуналното претпријатие велат дека нивни екипи се на терен и прават напори до крајот на денот целосно да биде запрен и чадот. Од таму апелираат и до граѓаните на повисока свест и да не палат оган на јавни површини, но и да пријавуваат доколку забележат ако некој тоа го прави намерно.