Loading Video...
Фудбал
14. February 2019 - 16:25

Голем исчекор на Тотенхем и Реал кон четвртфиналето

Тотенхем и Реал Мадрид направија голем исчекор кон пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите. 
 
Во првите дуели од осминафиналната рунда Тотенхем на „Влембли“ во Лондон, убедливо со 3:0 ја победи Борусија Дортмунд. 
 
Сите три гола беа постигнати во вториот дел. Хеунг Мин Сон во 47-минута го отвори резултатот, а во самата завршница Јан Вертонген (83) и Фернандо Љоренте (86) му донесоа голема предност на Тотенхем за реваншот.
 
Во Амстердам, Реал Мадрид славеше победа над Ајакс со 2:1, иако домаќините при резултат 0:0 први постигнаа гол, но по прегледувањето на видео снимката судијата Дамир Скомина го поништи поради офсајд. Тоа како да ги освести „Кралевите“ во вториот дел, па во 60-тата минута Карим Бензема му донесе предност на Реал, која ја анулира Хаким Зијеч петнаесет минути подоцна (75). 
 
На три минути пред крајот (87) Марко Асенсио го искористи уфрлувањето од десната страна и му донесе победа на Реал од 2:1. 
 
Реванш дуелите во Дортмунд и Мадрид ќе се играат на 5 март.