Македонија
19. August 2019 - 14:26

Голем интерес за Купи куќа – купи стан, изготвен и нов прирачник


Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан“, што е поставен на веб-страницата на Министерството.

За неполни три месеци откако стапија во сила новите услови, интересот кај граѓаните е голем, соопшти денеска Министерството за финансии.

– Намалените каматни стапки, новиот модел Купи стан за млади, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете, е причината за големиот интерес, стои во соопштението.

Согласно новите услови, каматната стапка за моделот „субвенција на рата“ за првите три години изнесува 2,9 проценти, а за третата и за четвртата година 3,9 проценти. Намалена е и каматната стапка за моделот „субвенција на учество“ и таа сега изнесува четири проценти за цело времетраење од исплатата на кредитот зголемена за шестмесечен еурибор.

За младите до и со наполнети 35 години, потсетуваат, е воведен нов модел „Купи стан за млади“. Притоа, корисниците што ќе го одберат моделот „субвенција на рата“, од државата ќе добијат субвенции во висина од 70 проценти од ратата во првите пет години од отплатата на станбениот кредит.

– Така на пример, за кредит од 50.000 евра вкупниот износ на субвенцијата изнесува 11.900 евра. Оние, пак, што ќе го одберат моделот за помош при отплата на учеството, од државата ќе добијат субвенција во висина од 70 проценти од учеството за станот. За кредит од 50 илјади евра, државата ќе субвенционира 8.750 евра. Дополнително, корисниците на субвенциониран станбен кредит, за секое новородено или посвоено дете ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти, појаснува Министерството.

Новина има и кај моделот „Купи куќа за возраст над 35 години“. Сега оние што ќе аплицираат за овој модел ќе добијат поголема субвенција. Лицата над 35 години ќе добијат субвенции од 80 отсто од месечната рата во првите пет години за изградба или купување нова куќа, или 80 проценти од учеството при купување или изградба на куќа.