Ф1
27. April 2019 - 17:48

ГН Азербејџан: Пол позиција за Ботас

Валтери Ботас ќе стартува од пол-позицијата на трка за Големата награда на Азербејџан. Финецот до пол-позиција дојде пред клупскиот колега Луис Хамилтон. Квалификациите ги обележа инцидентот што го предизвика Шарл Леклер. Возачот на Ферари во втората сесија удри во заштитната ограда и го уништи својот болид.

Возачите на Мерцедес доминираа во квалификациите низ улиците на Баку, иако на слободните тренинзи главни на патеката беа Себастијан Фетел и Шарл Леклер од Ферари.

Ботас, во последниот круг успеа да му ја земе пол-позицијата на светскиот првак Луис Хамилтон. Финецот забележа круг 1:40.495 минути. Ова време за само 59 илјадити делови од секундата беше побрзо од она што го постигна Хамилтон.

Трката од вториот ред ќе ја започнат Себастијан Фетел од Ферари и Макс Ферстапен од Ред Бул.

Пласман меѓу првите десет на стартот изборија Серхио Перез (Рејсинг Поинт), Данил Квјта (Торо Росо), Ландо Норис (Мекларен), Антонио Џовинаци и Кими Раиконен од Алфа Ромео и Шарл Леклер од Ферари кој воопшто не возеше во третата квалификациска сесија.

Трката за Големата награда на Азербејџан се вози утре од 14.10 часот.