Македонија
15. September 2020 - 16:46

Гласен Текстилец: Одлуката на Владата е избрзана и неприменлива

Владината одлука со која хронично болните, бремените жени, мајки на продолжено породилно боледување и родителите на деца до 10 години се враќаат на работа од 23 овој месец, а учебната година стартува на 1 октомври, е избрзана и неодржлива, сметаат од „Гласен текстилец“. Од таму велат дека 6 дена не се доволни овие категори на граѓани да имаат време да се адаптираат на вчерашните владини уредби.

- Сега треба мајките, оние на кои што им беше кажано дека продолжното породилно ќе им трае до 31.12, до крајот на годината, значи, дека треба да се вратат на работа. Родителите на децата кои ќе бидат на физичка настава, значи прво, второ и трето одделение, чии часови ќе бидат до 10,30 или 11.00 часот, кој после ќе преземе грижа за тие деца, нема никаде одговор. Дневниот претстој, јас како што сум известена, го нема и не планираат да го има- изјави - Кристина Ампева, „Гласен Текстилец“ - Штип. 

Работниците сакаат да се вратат на своите рабни места во реалниот сектор, но само доколку за тоа се создадат услови.

- Ние немаме мрзлив народ. Родителите и сите оние кои беа опфатени со времени мерки изминатиот период подлежеа на откази, на плати од 4000, 5000, 6000, 7000 денари. Значи сите сакаат да се вратат на работните места, меѓутоа не под овие услови- додаде Ампева.

Се работи за старо-нова Влада која од месец март до сега имаше доволно време да осмисли и донесе мерки и протоколи, додава Ампева, а новиот состав не покажал никаков интерес да ги инволвира граѓанските здруженија во актуелните случувања и одлучувања.