Македонија
14. November 2025 - 18:14

Ѓорѓиевски: Донесен е ребалансот на Буџетот на Град Скопје, обезбедени се средства за булевари, паркови, зголемени капитални инвестиции

Со еден глас против и еден воздржан, донесен е ребалансот на Буџетот на град Скопје - обезбедени се средства за булевари, паркови, зголемени капитални инвестиции, информира попладнево градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

На денешната седница на Советот на Град Скопје, вели тој, беше изгласан ребаланс за закрепнување на градот и јавните претпријатија, ребаланс кој ќе овозможи плати за вработените, но и со кој се кратат непродуктивни трошоци.

- Сакам да им се заблагодарам на сите советници за поддршката и конструктивноста. Почнуваме со консолидација.
Овој ребаланс значи сериозна промена со кој буџетскиот дефицит го намалуваме за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции ги зголемуваме за речиси 98,9 милиони. Тоа е јасна порака дека нема повеќе нерационални задолжувања, туку нови решенија и нови проекти. Јавниот превоз го решаваме без нови кредити и без да го ставаме градот на колена. Приватните превозници се враќаат и повторно ќе возат, повторно ќе служат на скопјани, пишува градоначалникот Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил.

Тој појаснува дека во тек е соработката со Министерството за транспорт за повторно оживување на Градскиот воз, како и оти Владата веќе ја спроведува набавката на 80 нови автобуси. Ние, додава Ѓорѓиевски, започнуваме со разгледување на БРТ - системот кој ќе го подигне јавниот превоз на повисоко ниво.

- Во образованието правиме силен исчекор напред. До крајот на годината, училиштата ќе добијат нови спортски терени, фитнес зони, смарт табли, кабинети за информатика и лаптоп за секој првенец на генерација. Ќе се реши и хроничниот недостаток на столчиња и училишни клупи. Со овој ребаланс започнуваме и со реализација на ветените проекти како што се парк ,,Христијан Тодоровски - Карпош”, парк ,,Лепенец”, како и изградба на 50 нови помали паркови низ градот. Во делот на инфраструктурата стартуваме со проекти што одамна требаше да бидат завршени. Тоа се реконструкција на улицата ,,Фрањо Клуз”, кружниот тек во Ѓорче Петров, трета лента на булеварот ,,Александар Македонски”, прва фаза на булевар ,,Хрватска”, булевар ,,АСНОМ”, клучката кај ,,Момин Поток”, информира скопскиот градоначалник.

Според него, дополнително, се обезбедуваат и средства за изработка на проектна документација за улиците ,,Шарпланинска”, ,,Бутелска”, ,,Радишанска”, кружен тек кај ,,Тобако 2” и други.

- Во буџетот има средства и за надомест на експропријација, со што конечно ќе се отвори патот и за реализација на поголемите булеварски решенија, меѓу кои и булеварот ,,Борис Трајковски”. Драги скопјани, времето на стагнација и уназадување на градот заврши. Скопје почнува да оди напред повторно. Знам колку длабоко градот е во финансиски амбис. Но знам и дека нема да отстапиме. Ќе го дадеме последниот атом сила од нас за да го вратиме Скопје на правиот пат. Ова е само првиот чекор, пишува градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

 

МИА