Тенис
14. November 2015 - 16:20

Ѓорческа во нов атак на „двојна титула“ во Анталија

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа е на чекор да го повтори успехот од претходната недела кога триумфираше во двете конкуренции на фјучрсот во Анталија. Таа денеска во игра на двојки заедно со Ива Приморац од Хрватска како втори носителки по голема борба ги победија првите носителки Алона Фомина (Украина) и Кристина Шаковец (Германија). 

Ѓорческа и Приморац го добија првиот сет со 6-4 во гемови, ривалките вратија со истиот скор во следниот сет. Во решавачкиот сет беше 13-11 на поени за Ѓорческа и Приморац.
Претходно во полуфиналето во сингл конкуренција Ѓорческа без проблеми со само три загубени гема ја победи Гиулнара Назарова од Украина со 6-3 и 6-0 во сетови.
Ривалка на Ѓорческа ќе и биде 26 годишната руска тенисерка Алиса Клејбанова. Таа во второто полуфинале ја совлада Менди Вахемејкер од Холандија со 2:0 во сетови.
Инаку, Клејбанова ќе биде вистински тест за настапот на Ѓорческа. Русинката порано била 20.та на ВТА листата, а бидејќи нема ранг на турнирот настапува со „вајлд карта“. Воедно ова за неа е прв турнир по пауза од една година и последен настап имала на Вимблдон во 2014 година. Клејбанова пред две сезони играше во финалето на ФЕД купот како дел од репрезентацијата на Русија.
Финалето Ѓорческа (1.носител) - Клејбанова почнува во 11 часот по локално време.