Тенис
13. јуни 2016 - 12:04

Ѓорческа повторно со најдобар ранг во двојки

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа забележа нов најдобар ранг во конкуренција на двојки на ВТА листата. Таа со 261 поен се наоѓа на 234 место со што го подобри пласманот за 13 позиции, откако и беа „запишани“ 30-те поени за поразот во финалето на турнирот во Ходмезовашархељ. Но, на следното рангирање таа ќе има пад бидејќи минатата година во истиот период победи на турнир во Галаци, а сега беше повторно само финалистка во Падова. Од таа причина ќе загуби 20 поени.
 
Инаку, Ѓорческа и во сингл конкуренција е на чекор до својот најдобар ранг сега се наоѓа на 267 место (најдобар ранг 266) со 169 поени и има скок од пет места. Но, следната недела и во поединечна конкуренција ќе има пад бидејќи во Падова не успеа да ги одбрани 18-те поени од ланското полуфинале во Галаци. 
 
Ѓорческа оваа недела ќе настапува на фјучрс турнир во Сегед со награден фонд од 50.000 долари.
 
Од македонските тенисерки пласман во двете конкуренции има и Магдалена Стоилковска, која во сингл се врати на ВТА листата со 3 поени е на 1.257 место (мора да има освоено поени на најмалку три турнири за да биде на листата), а во двојки е на 1023 место со 14 поени.