Македонија
14. May 2018 - 14:05

Гинекологот од Скопје кој лажеше пациентка дека е бремена доби година ипол затвор

Гинекологот Николче Дамчевски кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена од Основниот суд Скопје 1 денеска е осуден на година ипол ефективна казна, затвор, а изречена му е и забрана за вршење дејност во траење од осум години.

Адвокатката на оштетената, Ирена Фрчкоска, за Либертас изјави дека не се задоволни од изречената казна.

-Не сме задоволни од изречената казна. Особено имајќи ја предвид специфичноста на кривичниот настан и начинот на кој се сторени кривичните дела од страна на обвинетиот. Во понатамошната постапка ќе ги искористиме сите правни инструменти во насока на задоволување на правичноста и во насока на превенција вакви и слични кривични дела да се повторат, изјави таа.

Според обвинението тој, иако знаел дека оштетената не е бремена, вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот.