Loading Video...
Кошарка
11. February 2019 - 15:53

Гевгелија подготвена за завршницата на кошаркарскиот Куп на Македонија

Гевгелија која ќе биде домаќин на завршницата на кошаркарскиот Куп на Македонија е подготвена организацијата на турнирот да мине во најдобро можно издание. 
 
Од петок до недела во Гевгелија ќе се играат завршните натпревари во Купот на Македонија во двете конкуренции. 
 
Градот како и техничките организатори Кожув и Блокотехна, најавуваат беспрекорна организација, а првиот човек на Гевгелија очекува дека во финалето ќе играат двете локални екипи. 
 
„Благодарност од мое име и од Гевгелија што сме почестени да се одржи Купот. Знам со сигурност дека ќе биде одлично. Имаме два клуба во Првата лига. Посакувам локално финале Блокотехна - Кожув и верувам дека салата ќе биде исполнета до последното место. Но, пред се, посакувам фер-плеј и добра кошаркарска атмосфера“, изјави градоначалникот на Гевгелија, Сашко Поцков, на денешната заедничка прес конференција на сите учесници на завршницата.
 
Актерите, односно капитените и тренерите на клубовите се едногласни, дека, Куп натпреварите се посебен предизвик и дека во нив нема простор за грешка, а искуствата покажувале дека секој може да изненади секого, па однапред неможе да се истакне било кој тим како фаворит за освојување на трофејот. 
 
Мажите стартував петок со со четвртфиналните дуели во кои, победниците од дуелите Блокотехна - АВ Охрид и Гостивар - Фени Индустри ќе го дадат првиот полуфинален пар, а во вториот ќе играат подобрите од дуелите Работнички – Куманово и МЗТ Скопје Аеродром – Кожув. 
 
Полуфиналните мечеви на програмата се во сабота, за кога се закажани и полуфиналните дуели кај дамите во кои ќе играат Бадел - Струга и Вардар – Работнички.
 
Во недела ќе се одиграат финалните дуели. 
 
Дамите полуфиналните натпревари ќе ги играат во салата „Ноел“ во Негорски Бањи, додека финалниот меч ќе се игра во салата „26 април“, во која ќе се одиграат и сите дуели во машка конкуренција. 
 
Билетите во продажба ќе бидат пуштени утре (вторник), а блок-влезници за четирите четвртфинални средби ќе изнесува 200 денари, додека полуфинални средби и финалето ќе може да се гледа за 100 денари. Затоа пак, влезот на натпреварените во женска конкуренција ќе биде бесплатен.
 
Титулата од лани ја брани екипата на МЗТ Скопје Аеродром во машка, односно Вардар во женска конкуренција.