Македонија
17. May 2017 - 20:48

Германското МНР со реакција за ситуацијата во Македонија

Прес-службата на Министерството за надворешни работи на Германија попладнево излезе со реакција во врска со ситуацијата во Република Македонија.

- Добро е што претседателот Иванов попушти и повеќе не го блокира формирањето на новата влада. Оваа одлука долго се очекуваше и конечно го рефлектира исходот од изборите 2016 година во Република Македонија, се вели во изјавата дистрибуирана од германското МНР. 
 
Германското МНР ги повикува сите актери во Скопје сега да работат заедно и конструктивно во преговорите за создавање на престојната владина коалиција.
 
- Македонците не заслужиле на нивниот грб да се играат политички игри. Тоа што на земјата и е потребно и што граѓаните оправдано го очекуваат е брзо формирање на нова влада која што брзо ќе се вклучи во опсежната имплементација на „Договорот од Пржино“ и на другите итни реформски приоритети. Длабоките реформи се неопходни за да се овозможи продолжување на македонскиот пат кон евроинтеграциите. Германија ќе продолжи  да ја поддржува земјата на овој пат, се вели во пораката од германското МНР во врска со состојбите во Македонија.