Свет
12. March 2018 - 16:46

Германските демохристијани и социјалдемократи потпишаа коалиција

Претседателите на партиите на новата демохристијанска-социјалдемократска коалиција денеска во Берлин потпишаа договор и воедно најавија брзо остварување на политичките цели содржани во договорот за формирање коалициска влада на Германија.

Договорот, составен на 117 странички, во комплексот на Будестагот во Берлин го потпишаа претседателката на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Ангела Меркел, лидерот на сестринската ЦСУ Хорст Сиховер и претседателот на СДП Олаф Шолц. 

Според најавите, в среда, Парламентот ќе ја избере Меркел по четврти пат за кацелар, по рекордни 171 ден откако беа одржани изборите.

- Пред речиси половина година, бирачите ни дадоа задача за создавање стабилна влада и патот до неа беше се, само не едноставен, изјави актуелната и идна канцеларка и претседателка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Ангела Меркел пред потпишувањето на договорот.

Таа укажа на „макотрпните и долготрајни“ преговори, кои на крајот, како што рече, се исплателе. По коалицискиот договор постигнат во февруари, беше потребен позитивен исход од гласањето меѓу членовите на СПД за договорот да стапи во сила. Новата влада се очекува да поднесе заклетва во текот на неделата.

Таа порача дека „конечно е време да почне владата да работи“ .

- Многу работа стои пред нас. На речиси сите подрачја мора брзо да ги засукаме ракавите, изјави Меркел.
 
Германската канцеларка најави и дека заедно со францускиот претседател Емануел макрон веднаш ќе почнат со работа околу реформата на Европската Унија.

 Новата „голема коалиција“ е направена по пропаѓањето на коалицијата на партијата на Меркел со две помали партии, но лидерот на Социјалдемократите Олаф Шолц рече дека коалицијата не е „брак од љубов“, туку дека партиите ќе владејат заедно.