Македонија
24. August 2019 - 16:54

Германец, нарко-шеф повеќе од еден месец се криел на Попова Шапка, пред да биде приведен од МВР

МВР приведе германски државјанин, кој се криел во земјава, а по кого е издадена меѓународна потерница поради организирање и набавка на 700 кг кокаин од Јужна Америка до Германија.

Акцијата организирана од Одделот за сузбивање организиран криминал при МВР, во соработка со одделот за борба против дрога од Хамбург, се одвивала во четвртокот, кога по извршениот претрес, полицијата го привела 55 годишниот Германец.

Тој е член на меѓународна организирана криминална група, кој со фалсификувани документи повеќе од еден месец се криел во викенд куќа на Попова Шапка.

“Веднаш по добиените сознанија дека лицето се наоѓа на територијата на Република Северна Македонија, односно во викенд населбата Попова Шапка, направен е план и извршен е претрес во викенд куќата на Попова Шапка, при што лицето е лишено од слобода и при претресот се пронајдени пари, мобилни телефони, помала количина на кокаин и марихуана, фалсификувани документи, како и други предмети. Веднаш по лишувањето од слобода почната е постапката за предавање на германските власти и на лицето му е одреден екстрадициски притвор во траење од 30 дена”, информира Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Од МВР очекуваат натамошната истрага да открие детали околу тоа дали германскиот државјанин со нечија помош се криел во земјава.