Македонија
26. April 2018 - 12:35

Герберих: Клучни се реформите и дијалогот власт - опозиција

Германскиот амбасадор Томас Герберих, во однос на евроатлантските интеграции на Македонија смета дека не само што има светло на крајот на тунелот, туку тоа е точно насочено, а клучната улога ја има реформскиот процес.

Тој нагласи дека Владата во изминатата година постигна голем напредок, а доказ за тоа е препораката од ЕК за почеток на преговорите. Реформите, пак, рече, мора да се спроведат со вклученост на сите во општеството и да се врати доверба во институции кои треба да работат во рамки на нивниот мандат почитувајќи го правото и применувајќи ги највисоките професионални стандарди, оти само тогаш ќе можеме со сигурност да кажеме дека реформскиот процес пристигнал во оваа земја.

- Клучно е реформскиот процес да биде инклузивен. Опозицијата мора да биде вклучена како клучен дел во функционирањето на демократијата. Конструктивниот политички дијалог меѓу Владата и опозицијата надминувајќи ги сите политички разлики е клучно за соодветно функционирање на една парламентарна демократија. Потребно е време за одредни реформи да бидат целосно спроведени и бара голем ангажман. Македонското опшество се наоѓа среде еден огромен реформски и реконструкциски процес, како политички така и економски. Тие реформи се тешки и не секогаш популарни, но се во интерес на граѓаните и на земјата, рече Герберих денеска на конференцијата „Македонија: Евроатлантска интеграција, нови предизвици и можности“ што се одржа во МНР.