Македонија
18. November 2017 - 15:33

Георгиевски ја информирал Цароска за проблемот со малиот капацитет на градинките во Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски на средба со министерката за  труд и социјална политика, Мила Цароска информирал за проблемот кој го има општината со малиот капацитет во градинките, како и недостигот од кадар.

- Имаме повеќе од 500 деца кои чекаат на списоците на градинките и не може да ги запишеме. Овој проблем го наследивме од порано и за да го надминеме, веднаш почнавме со подготовка на план и правење стратегија, за изградба на нови и доградба на веќе постојните градинки, рекол градоначалникот Георгиевски, соопшти прес-службата на општина Гази баба.

Георгиевски и Цароска разговарале и за проектот за изградба на нова градинка во Стајковци со капацитет за 60 деца, при што договориле општината да ја гради со поддршка на Министерството за труд и социјална политика. Станало збор и за отворање нов дневен центар за деца со посебни потреби во  општина Гази Баба.