Македонија
1. April 2019 - 12:34

Георгиески: За развој на Охрид растеретен од долгови и со решено прашање околу заштитата на Охридското Езеро

Кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ Константин Георгиески предизборната кампања ја почна со најава дека планира по неговиот избор на функцијата да продолжи со реализација на плановите и проектите што пред граѓаните ги вети неговиот претходник, ненадејно починатиот градоначалник Јован Стојаноски.

-Чувствувам морална обврска и мотив да ги вложам сите свои капацитети, своето искуство и време да се борам да го продолжам она што го започнавме заедно. За доброто на Охрид и за доброто на охриѓани, ние можеме и мораме да ги промениме работите, а за рок од една година достоинствено покажавме и дека знаеме како, рече Георгиески.

Тој потсети дека со поддршка од Владата, Општина Охрид е растеретена од огромните долгови и камати што со години го кочеа развојот на градот. Истакна дека процесот на раздолжување е во завршна фаза, со забелешка оти финансиската стабилност ќе овозможи полесно функционирање и подобра иднина за општината, а и повеќе средства за развојни и инфраструктурни проекти.

-Еден од нашите приоритети е да ја приспособиме целата постоечка урбана и рурална инфраструктура во функција на потребите на граѓаните. Во фаза сме на реализација на многу идеи и проекти за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина, рече Георгиески.

Тој уште потсети и на донесената владина одлука за формирање на новото јавно претпријатие „Колекторски систем“ кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на системот за заштита на Охридското Езеро.

-Со ова очекуваме конечно да се реши горливото прашање за заштита на нашето најголемо природно богатство. Тековно спроведуваме идеи и планови за подобрување на условите за развој на туризмот, а кон охридскиот аеродром веќе се воспоставени нови директни линии, истакна меѓу другото кандидатот на СДСМ.

Тој посочи дека неговата предизборна програма е базирана врз реални основи и проекции за остварливи проекти од значење за охриѓани, но и за туристите кои секојдневно го посетуваат нашиот најголем туристички центар, притоа повикувајќи ги граѓаните да ја искористат шансата преку своите гласови дадени за него да придонесат за подобри услови за живот на младите од градот, својата иднина да ја градат во родниот Охрид.