Македонија
11. April 2019 - 12:45

Георгиески: Реализираме сообраќајни решенија важни за сите граѓани на Охрид

Динамиката и текот на современото живеење ја наметнуваат потребата од нови и функционални облици на мобилност за граѓаните и туристите во Охрид, особено во делот на сообраќајот. Во фаза сме на реализација на многу идеи и проекти за обезбедување сообраќајни решенија важни за сите граѓани. Нашата цел е Охрид да добие инфраструктура која ќе овозможи негов одржлив развој како туристички и културен центар, изјави денеска Константин Георгиески, в.д. градоначалник на Охрид и кандидат на СДСМ за функцијата.

Притоа тој ги посочи активностите што веќе се реализираат во градот, како реконструкцијата на булеварот „Туристичка“ и минатогодишното реконструирање на улицата „Македонија“ во центарот на Охрид, а беа асфалтирани и повеќе улици, тротоари и патеки во урбаните и руралните подрачја.

– Во тек е изработка на нова Сообраќајна студија за Охрид, а имаме подготвено и значајни инфраструктурни проекти за реконструкција на неколку градски сообраќајници, како улиците „Македонски просветители” и „Абас Емин” со проекти за реконструкција на водоводната линија, канализациската мрежа и атмосферската канализација. За овие три проекти е добиено одобрение за градба, испратени се до Министерство за транспорт и врски и се чека објавување на тендер за реализација, рече Георгиески.

Тој потсети дека веќе се поставува атмосферската канализација, како вовед во реконструкцијата на улицата „Егејска” во целата нејзина должина, а во Развојната програма за уредување на градежно земјиште предвидена е и реконструкција на дел од улица „7 Ноември” од пресекот со улица „Егејска” до пресекот со улица „Железничка”, реконструкција на улицата „1 Македонска ударна бригада”, рехабилитација на „Јане Сандански” и „АСНОМ“.

– Со реконструкција на овие улици, Охрид ќе добие сообраќајна мрежа во согласност со сите современи текови и ќе се овозможат услови за безбеден и динамичен сообраќај, што е од исклучителна важност и за жителите на Охрид и за туристите кои секојдневно го посетуваат градот, истакна кандидатот на СДСМ Георгиески.