Балкан
16. јуни 2021 - 8:20

Генерален штрајк на синдикатот на вработените во јавниот сектор во Грција

 Генерален 24-часовен штрајк започна утрово Синдикатот на вработените во јавниот сектор во Грција поради новиот закон за работни односи, што денеска ќе се гласа во грчкиот Парламент, а паралелно закажани се и протести, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките синдикати, минатата седмица одржаа масовни демонстрации, а денешниот 24-часовен штрајк на Синдикатот на јавниот сектор и неколкучасовниот прекин со работа на Синдикатот на вработените во приватниот сектор е поради гласањето на законот.

За непречено да се одржат испитите од државната матура, од штрајкот ќе бидат исклучени професорите, а вработените во јавниот превоз во Атина ќе учествуваат со неколкучасовен прекин на работата, откако нивниот 24-часовен штрајк, атинскиот суд го прогласи за незаконски.

Новинарите и вработените во медиумите имаат четиричасовен прекин на работата од 14 до 18 часот.

Иако ставот на Владата е дека новиот закон за работни односи предвидува одредби кои се во корист на вработените, сепак освен синдикатите, против се и сите опозициски партии.

Портпаролот на СИРИЗА Насос Илиопулос на брифингот со странските дописници во Грција истакна дека тие, кога ќе дојдат на власт, веднаш ќе го поништат конкретниот закон.