Балкан
11. August 2019 - 11:43

„Газета експрес“: Вонредните избори во Косово на 29 септември

Косовските политички партии ќе ги измерат силите на вонредни парламентарни избори во последната недела од септември годинава, пишува денеска приштинскиот портал „Газета експрес“, повикувајќи се на извори во кабинетот на претседателот на Косово Хашим Тачи.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Тачи се очекува да го прогласи 29 септември за ден на изборите, по седницата на косовското Собрание, на 22 овој месец, кога се очекува одлука за самораспуштање на законодавниот дом, откако претходно, минатиот месец, премиерот Рамуш Харадинај поднесе оставка.

По собраниската седница на 22 август, Тачи се очекува да ги повика на консултации лидерите на парламентарните партии, по што ќе го објави датумот за вонредните избори, тврдат изворите од претседателскиот кабинет.

Сите парламентарни партии, како од власта, така и од опозицијата, се согласија дека единствен излез од моменталната политичка ситуација се вонредните избори. Претходно, владејачката коалиција ја одби поканата на Тачи да именува мандатар за нов претседател на Владата.

Ново на Сител