Свет
11. February 2017 - 22:07

„Гардијан“: Форин офисот бара да продолжи продажбата на оружје на Ријад

Британскиот Форин офис и министерот Борис Џонсон побарале од Владата во Лондон да продолжи да и продава оружје на Саудиска Арабија и покрај барањата да се прекинат испораките, затоа што властите во Ријад го употребуваат оружјето за воздушните напади врз Јемен, во кои главно страдаат цивилни лица, пишува „Гардијан“.

Весникот открива дека министерот Џонсон со писмо бара од министерите да не го прекинат вооружувањето на саудиската армија, која е вклучена, заедно со уште пет други арапски, сунитски земји, во воздушните напади врз позициите на јеменските шиитски Хути бунтовници.

Во октомври минатата година, Саудијците извршија напад врз една погребна поворка во Јемен, при што беа убиени повеќе од 140 лица, меѓу кои и многу жени и деца.

Тој напад првпат предизвика реакција и осуда на меѓународната заедница, за интервенцијата на Ријад во јеменската граѓанска војна, на страната на владата во Сана, која Хутите ја соборија, а нејзините членови мораа да побегнат од главниот град во Аден, на југот од Јемен.

Откритието на весникот доаѓа во време кога во Велика Британија е покрената постапка за да се забрани натамошното вооружување на Саудијците со британско оружје.

Бунтовничките Хути веќе ја обвинија Велика Британија дека учествува во извршувањата воени злосторста, со продавањето оружје за Саудиска Арабија, чии авиони извршуваат села и населби во кои страдаат цивили.

Според „Гардијан“ саудиските воени авиони бомбардираат училишта, болници и свадбени поворки, врз територијата која е под контрола на јеменските бунтовници, бранејќи се дека цели на нападите се „воени позиции“ на Хутите.

- Трговијата која ја сугерира и ја одобрува министерот Борис Џонсон е неморална и таа треба веднаш да биде забранета, забележува лондонскиот весник.