Свет
14. January 2017 - 19:38

„Гардијан“: Барние бара „специјален“ договор со лондонски Сити

Главниот преговарач на ЕУ за процесот на Брегзит, Мишел Барние на средба со европратеници најавил дека ќе бара да биде склучен посебен договор со британскиот финансиски сектор, со што ќе се регулира исплатата на кредити за европските клиенти, тврди лондонскиот весник „Гардијан“.   

Според весникот, Барние нагласил дека со овој договор ќе треба да им се гарантира на банките, компаниите и владите од останатите 27 земји членки на ЕУ дека и по излегувањето на Велика Британија од Унијата, ќе имаат слободен пристап до кредитните позајмици од британските банкарски институции.

„Гардијан“ наведува дека ваквиот став на Барние е изненадувачи, имајќи пред вид дека тој досега во своите јавни настапи имаше многу по ригорозен став кон договорот за идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија. 

Весникот за ваквото тврдење се повикува на необјавени прибелешки од средба на Барние со членови на Европскиот парламент.

Меѓутоа, претставик на Европската комисија во изјава за „Гардијан“ тврди дека прибелешките „не ги изразуваат прецизно зборовите на Барние“.

По написот на весникот, се огласи и самиот Барние, кој на својот налог на Твитер истакна дека не мислел на посебен договор со лондонскиот Сити, делот на Лондон каде се сместени седиштата на британските банки. 

- ЕУ треба да посвети посебно внимание на опасноста од финансиска нестабилност, а не не договор за пристап до финансиите на Сити, наведе Барние. 

Раководителот на британската централна Банка на Англија, Марк Карни во вторникот оцени дека Европа би можела да загуби многу ако не постигне договор за врските со британскиот финансиски систем, став, кој според „Гардијан“, е сличен со оној што го изнел Барние на средбата со европратениците. 

Карни во вторникот во обраќање пред британските пратеници изјави дека во периодот на Брегзитот постојат „поголеми ризици за финасиската стабилност на Европа на краток рок, отколку на Велика Британија“. 

Тој ваквиот став го базира на фактот дека три четвртини од девизните трансакции, половина од кредитните операции и половина од берзанските активности во Европа, се извршуваат во лондонскиот Сити. 

- Евентуалното изолирање на Лондон, би можело да доведе до поскапување на капиталот и до сериозни последици за европските банки, компании и влади, посочи Карни.