Свет
14. July 2016 - 18:04

Франсоа Оланд бара од Тереза Меј да започне колку што е можно побрзо преговори за Брегзит

Францускиот претседател Франсоа Оланд при традиционалното 14 јулско интервју, ја повика Тереза Меј, новата британска премиерка да ги започне колку што е можно побрзо преговорите за излез на Обединетото кралство од Европската Унија, јавува дописникот на МИА од Париз.

Во интервјуто, францускиот претседател осврнувајќи се на економската ситуација во земјата изрази оптимизам затоа што, според него, економијата е во подобра ситуација, има реприза на активностите, но ситуацијата останува кревка, посебно поради Брекзит.

Тој притоа нагласи дека ќе направи се за Брекзит да нема последици за Франција, повикувајќи ја Тереза Меј, новата британска премиерка да ги започне колку што е можно побрзо преговорите за излез на Обединетото кралство од Европската Унија.

Осврнувајќи се на безбедносната ситуација во земјата, Оланд најави дека вонредната состојба нема да биде продолжена, иако, терористичките закани се и понатаму големи. Поради тоа, планот Вижипират останува во сила, но бројот на француските војници ангажирани во операцијата Сантинел, ќе биде намален од 10 000 на 7.000.

Францускиот претседател најави дека француски воени советници ќе бидат испратени како поддршка на ирачката армија во борбата против Исламската држава, на која треба да се удре силно во момент кога таа почнува да ослабува.

Неизбежно беше и прашањето за неговиот скапо платен бербер, на што Оланд одговори дека може се да му се забележи освен тоа, со оглед дека тој го намалил буџетот на Елисејската палата од 109 милиони евра во 2012 на 100 милиони, а и самиот си ја намалил платат за 30 отсто, намалувајќи го и персоналот за 10 проценти.