Македонија
10. August 2019 - 8:47

Француските музичари Жо Кристоф и Вансан Мусат, како и проектот „Парче душа“ на Љупчо Тодоровски

Триесеттиот ден на годинашното издание на „Охридско лето“ резервиран за концертот на француското дуо Жо Кристоф на кларинет и пијанистот Вансан Мусат, како и проектот „Парче душа“ на актерот Љупчо Тодоровски –Упа посветен на поезијата на Блаже Конески.

За уметникот на кларинет Кристоф може да се каже дека е изведувач на дела од различни музички жанрови – џез, современа музика, ориентална и клезмер-музика со октетот „Сирба“ кој е познат ансамбл за еврејска музика. Добитник е на првата награда од Фондацијата „Шафран“ во 2018 година со едногласна одлука на жирито и настапува како солист, но и во дуо со Пјер Генисон, придружуван од оркестарот на Француската национална гарда.

Во последните неколку години, настапите го водат во концертните сали на  Филхармонијата во Париз, Аудиториумот на Радио Франција, операта „Гарние“, „Концертхаус“ и  „Музикферајн“ во Виена, „Курхаус“ во Мерано, Фестивалскиот театар во Баден-Баден, Филхармонијата во Келн, Националниот форум за музика во Вроцлав, Филхармонијата и Концертната сала во Берлин, како и концертната сала во Токио, имајќи можност да настапува со извонредни диригенти како што се:  Дејвид Цинман, Алан Алтиноглу и Сер Сајмон Ратл.

Неговиот придружник на пијано  Вансан Мусат како камерен музичар често настапува со музичарите од операта во Ница, а дуото кое го формира заедно со виолончелистот Жереми Гарбаг е лауреат на FNAPEC  асоцијацијата. Во 2019 година Вансан Мусат е номиниран за наградата „Откритие на класичната музика“ од страна на АДАМИ организацијата на уметници.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 20 часот.

Веднаш после завршувањето на концертот во предворјето на црквата од 22 часот ќе биде презентиран сценскиот приказ на поезијата на Блаже Конески, преку проектот „Парче душа“ на актерот Љупчо Тодоровски –Упа.

Тодоровски за Блаже Конески вели дека е нераскинлив дел од него и неговиот живот.

– Блаже е нераскинлив дел од мене и мојот живот. И моето творештво. Толку стана мој како да ми е отсекогаш.Секогаш кога не ќе сум можел да се изразам себе си – сум го говорел него. Го мислам и ќе го имам до – секогаш. Како дел од мене. Затоа што како и секој гениј, неговото дело го доживуваме како да се однесува за нас лично. Зашто тој спаѓа во ретките благословени од боговите кои ги допреле корените на чувствата, ги сфатиле длабочините на душата и кои ни помагаат да дојдеме до толку едноставни а големи сознанија; затоа што ни предочуваат прекрасните созерцанија на животот и човекот. Пред се нашиот, македонскиот човек. Затоа е Блаже и сечовечки – оти е најпрво свој, наш. Оттаму огромната моќ на неговата поезијата.Оттаму мојата втренчената очараност од Блажета…вели Тодоровски.