Македонија
19. December 2018 - 13:57

Францускиот амбасадор Тимоние во работна посета на Крива Паланка

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние и кранцускиот конзул, Ерик Пенже остварија работна посета на општина Крива Паланка, а домаќин на делегацијата беше градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Ова е прва официјална посета на амбасадорот Тимоние на општината, а беше искористена за најава на проектот за посета на автомобилски караван на Француски државјани кој во август следната година ќе пристигне во Крива Паланка.

– На мое задоволство во вашиот град ме пресретна убав сончев ден, чист воздух и убавина. Одлична прилика е да го најавам проектот за посета на градот на 250 Пежо 205 автомобили и околу 750-800 Французи следната година, при нивното патување низ дваесет Европски земји за 23 дена. Предвидено е од Грција на пат низ Македонија автомобилистите да преноќат во Крива Паланка, да ја запознаат подобро и да донираат прибор за училиштата. Ова е пракса која носи размена на искуства, култура и секако придонесува за развој на локалната економија, истакна амбасадорот Тимоние.
 
Тој рече дека доколку локалната самоуправа го одобри проектот, веќе во февруари 2019 година претставници од службата за организација на релито ќе остварат посета и средби за координација.
 
-Во комуникација со Францускиот институт запознаен сум за одличната работа и постојаната надградба на професорите по Француски јазик од вашиот град, а веднаш по моето доаѓање во земјата во 2016 година бев гостин на манифестацијата Франкофонска вечер и бев воодушевен. Со вашиот град не врзуваат и бројните иселеници оттука во Франција, кои се надевам одржуваат врски и контакт со фамилиите, додаде Тимоние.
 
Градоначалникот Мицевски рече дека е чест, но и обврска да се вгостат 800 посетители и локалната самоуправа ќе направи се што е во нивниот домен на дејствување да го прикаже и пружи најдоброто.
 
– Би сакал да истакнам дека во насока на презентација на општината располагаме со богата култура, фолклор, манастирот е наш репрезент, но, имаме археолошки локалитет „Градиште” со 3.000 години стари артефакти, за чие целосно истражување сме ограничени со финансии. Крива Паланка и станица за природен гас, но нема секундарна и терциерна мрежа, имаме и одличен проект за ски-центар со 34 скијачки патеки на Калин Камен, за кој доколку се изнајдат инвеститори, ќе биде добредојдено. Геостратешката положба на општината е одлична, со близина на Софискиот и Скопскиот аеродром, тука минува коридорот 8, а и изградбата на железничката пруга која како процедура се интензивира, ќе допринесе за заживување на економијата во градот и околината, рече Мицевски.
 
По средбата со градоначалникот Тимоние и конзулот Пенже остварија средби и со професорите по Француски јазик и литература и раководните лица на општинските основни и средни училишта, во насока на подобрување на соработката, остварување нови контакти и идни можни размени на искуства и знаења.