Македонија
29. September 2015 - 15:37

Формирана Управа за електронско здравство

Со одлука на Владата е формирана Управа за електронско здравство како посебен орган во состав на Министерството за здравство. Управата за електронско здравство ќе има повеќе надлежности, а меѓу побитните се континуирана надградба, оптимизација и управување на интегрираниот здравствен информатички систем „Мој термин“ со нови функционалности и модули.

Ова денеска го истакна Милан Аризанкоски, проект-менаџер на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“, кој рече дека „МојТермин“ е исклучително комплексна база на податоци кои може да се добијат во реално време. Посочи дека во текот на годинава во системот биле регистрирани над 5.513.000 упати, евидентирани над 1.425.000 пациенти, а биле подигнати над 15.170.000 лекови. Системот е интегриран со над 60 софтверски компании.

- Системот овозможува реално следење на цела здравствена состојба во Македонија. „МојТермин“ е повеќе од систем за закажување на прегледи. „МојТермин“ е централизиран он лајн систем кој овозможува во реално време добивање податоци за пациентите, докторите, здравствените услуги кои се исклучително значајни за градењето на здравствената политика во државата. „МојТермин“ беше една од клучните реформи во здравството која не искачи високо на рангирањето на европскиот здравствен потрошувачки индекс.Системот веќе се препорачува за имплементација во повеќе земји со кои веќе имаме воспоставено комуникација и размена на искуства, рече Аризанкоски.

Појасни дека многу е важно да постои посебно тело чија основна задача ќе биде имплементација, одржување и надградување на тој систем, кое ќе биде фокусирано на сите аспекти на овој комплексен систем во кој се интегирани сите здравствени установи, аптеки и останати институции од сите три нивоа на здравствена заштита.

- Тимот на Управата секојдневно работи на оваа активност заедно со докторите и администраторите на здравствените установи, додавајќи им нови функционалности и подобрување на претходните. За секој нов модул и нова функционалност Управата извршува и обука на здравствените работници и здравствените соработници во здравствените установи за користење на сите тие нови функционалности, потенцира Аризанкоски.

Управата, нагласи, ќе работи на воспоставување и на одржување на единствен електронски здравствен картон на здравствените осигуреници. Посочи дека со имплементација на „МојТермин“ почнувајќи од 2013 година, почнато е тоа градење на електронски здравствени картони.

- Избраните лекари за своите пациенти и самите пациенти за себе ќе имаат можност да ја проверат состојбата на медицинските дијагнози низ минатото, на нивните упатувања, резултатите од тие упатувања независно дали биле специјалистички, лабораториски, рендген дијагностика, сите хирушки интервенции и процедури извршени врз нив, од кој доктор биле извршени, на кој датум биле извршени, препишани и реализирани лекови и останати медицински податоци, рече Аризанкоски.

Појасни дека со планираните надградби кои треба да се извршат во наредниот период електронскиот здравствен картон ќе се дополни со податоци, како што се испитувања, потрошен материјал по преглед или лекување по пациент, детален имунизациски картон со потсетници за вакцинација, детални процедури извршени при преглед независно дали се амбулантски или болнички, дигитални снимки од рендген, компјутерска томографија, магнетна резонанца односно снимки кои можат да бидат прочитани од специјалисти без потреба пациентот да треба да патува во друг град за читање на резултатите, хронолошки лабораториски и биохемиски резултати и други медицински извештаи.

Сите овие податоци, укажа Аризанкоски, ќе бидат вградени и добро организирани во националниот здравствен картон на секој пациент.

- Управата ќе работи на изработка на нови и одржување на постојните веб сервиси за интеграција и развој на податоци со органите на државната управа и со компаниите кои имаат веќе развиен софтвер или софтвер во употреба во сите нивоа на здравствена заштита. Тоа се компании кои имаат софтвер кај матични лекари, во аптеки, општи болници, универзитетски клиники..., рече Аризанкоски.

Управата, нагласи, ќе воспостави и води повеќе различни регистри, како што се регистри на здравствени установи, на здравствени работници, здравствени соработници, на здравствени услуги и процедури, на медицински потрошен и помошен материјал и други.

- Користејќи ги податоците од системот Управата му предлага на министерот за здравство концепти за развој на здравствената политика врз основа на добиените анализи од податоците внесени во интегрираниот здравствен информатички систем, податоци од кои досега излегле неколку проекти како на пример „Наш специјалист“, „Рурален доктор“, „Подвижна аптека“, „Домашна визита“, „Развој на нови специјалности“, истакна Аризанкоски.

Потенцира дека користејќи ги податоците од системот Управата ќе изготвува и други детални анализи кои покрај државните институции можат да ги користат и други корисници.

- Значи Управата ќе формира сопствен аналитички центар преку кој ќе се изготвуваат детални извештаи по различни параметри и по желба на корисникот. Корисниците ќе можат да креираат свои медицински анализи, кои понатаму ќе им послужат за подготвување магистерски, докторски теми, на научни трудови, статистички извештаи и сл. Во Управата ќе може да се обратат сите оние корисници на системот како и сите оние пациенти кои имаат проблем со него. Техничката поддршка останува под Управата, а сите корисници, сите пациенти кои имаат проблем може да не контактираат на 02 15 444, додаде Аризанкоски.