Македонија
7. November 2017 - 13:34

Формирана работна група за подготовка на Предлог-програмата за одбележување јубилеи во 2018

Собраниската Комисија за култура на денешната седница формираше работна група од седум пратеници кои ќе ги разгледуваат пристигнатите предлози за одбележување јубилејни годишнини од значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2018 година.

Покрај претседателката на Комисијата, независната пратеничка Ирена Стефоска, во работната група се и: Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците, Крсто Јовановски, Ане Лашкоска и Нола Исмајлоска-Старова од ВМРО-ДПМНЕ, Мирсада Емини-Асани од ДУИ и Никица Корубин од ЛДП.

Членовите на работната група треба да ги разгледаат 282-та предлога што пристигнале до Комисијата за култура, да утврдат дали ги исполнуваат критериумите значајност и временски интервал и да ја состават Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во РМ за 2018 година. Откако  ќе биде подготвена, Предлог-програмата треба да биде усвоена од Комисијата за култура и потоа проследена и донесена од Собранието на Република Македонија. 

комисија за култура

Стефоска соопшти дека Комисијата за култура доставила писмено барање до 127 државни органи, јавни служби, научни институции, здруженија на граѓани и други заинтересирани субјекти, како и до сите 80 општини и Град Скопје, а на нивниот повик за праќање предлози одговориле 27 институции со вкупно 282 предлога. Седум институции одговориле дека немаат предлози за одбележување јубилеи во 2018 година.

Составот на работната група беше избран едногласно на седницата на Комисијата за култура, што беше трета во новиот парламентарен состав и прва по паузата за локалните избори.