Македонија
22. јуни 2017 - 12:49

Формиран Центар за вработување лица со хендикеп

Лицата со хендикеп полесно и поинтензивно да се вклучат во отворениот пазар на труд, а компаниите да создадат соодветни услови и адекватна работна средина за нив, е целта на проектот што со поддршка на ИПА заеднички го спроведуваат „Полио Плус“ и Стопанската комора на Македонија.

Во рамки на проектот е формиран Центар за вработување лица со хендикеп и паралелно течат обуки, не само за оваа категорија граѓани, туку и за фирмите.

- Центарот е своевиден мост кој практично треба да ги поврзе лицата со хендикеп и бизнис заедницата. Воедно, треба да и помогне на државата да ја унапреди положбата за вработување на лицата со хендикеп, изјави Елена Кочоска од „Полио Плус“ по денешната промоција на Центарот.

Според неа, лицата со хендикеп се одлични работници, но се уште не им е овозможено да го покажат тоа.

- Засега околу две илјади лица со хендикеп работат во заштитни фирми, додека 290 се во јавната администрација, што е многу мала бројка, посочи Кочоска.

И Томислав Ортаковски од „Полио Плус“ укажа на потребата од создавање соодветни услови за многу поголемо вклучување на лицата со хендикеп на пазарот на труд. Како што укажа, во овој сегмент мора да работат и компаниите, да ја прилагодат работната средина и да овозможат еднакво чувство на овие лица со останатите вработени.

Според Јадранка Аризанковска од Стопанската комора, основна цел на проектот кој се спроведува со поддршка од ЕУ е професионална подготовка на лицата со хендикеп, овозможување тие да стекнат дополнителни вештини, да научат повеќе јазици,..., но клучно е веќе формираниот Центар за нивно вработување да опстане и да продолжи да функционира.