Loading Video...
Фудбал
14. August 2018 - 17:18

ФК Вардар останува без спонзор, на потег град Скопје?!

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко најверојатно се откажува од фудбалскиот клуб Вардар и ќе се фокусира на инвестирањето во ракометниот бренд, открива градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

„Фудбалскиот клуб ‘Вардар‘ е сопственост на Град Скопје со 51 отсто. Известен сум од луѓето на кои Градот таа сопственост им ја отстапил да ја користат, дека веројатно во идниот период ќе се откажат од таа работа. Официјално кога ќе седнеме да разговараме, јавноста ќе биде известена“, изјави Шилегов.

Самсоненко во ФК Вардар е од 2014 година, од кога „црвено-црните“ освоија три титули во домашното натпреварување, а лани првпат во историјата на фудбалот во Македонија, Вардар настапуваше во групните фази до Лига Европа.

Ситуацијата во ракометните клубови исто така е сменета. ЖРК Вардар веќе од оваа сезона настапува само со домашни ракометарки, додека РК Вардар по освоената европска титула минатата година го напуштија повеќе звучни имиња.

Минатата сезона, Самсоненко прво со писмо објави дека се повлекува од „сите клубови“ на Вардар, за потоа самиот да ја повлече изјавата и да каже дека е во Вардар „засекогаш“. Останува да се види неговата реакција.