Бизнис
18. January 2020 - 16:55

Фискалните сметки се канцерогени?

Додека министерката за финансии тврди дека буџетот е во добра кондиција, нејзината заменичка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта манипулира со бројките.
Министерката Ангеловска е задоволна од добрата динамика на наплата на приходите. Лани во буџетот се прибрале 97% од планираните приходи по основ на даноци и придонеси. Освен тоа, според неа домаќински се управува со долгот на државата.

“На 29 јануари ни доспева за исплата заемот земен во 2013 година, во износ од 155 милиони евра, а кон крајот на годинава доспева и еврообврзницата од 2015 година, во износ од 180 милиони евра. Овие заеми ги рефинансираме по неколкукратно пониска каматна стапка, благодарение на довербата на инвеститорите и водењето на политиката за јавен долг”, вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Според заменската министерка Димитриеска Кочоска, тоа што има голем интерес за државните хартии од вредности воопшто не е за фалење.

“Побарувачката за државните записи на 14.01 била многу поголема отколку понудата. Ова е жално да го каже министер за финансии од причина што кога банките имаат вишок на ликвидност, да, тие имаат поголема побарувачка бидејќи немаат каде да ги пласираат парите. А, зошто немаат каде да ги пласираат парите? Заради тоа што фирмите тонат. Тонат во проблеми со ликвидност, немаат никаков интерес за инвестирање од оваа хаотична бизнис клима и токму заради тоа побарувачката на 14-ти беше толку повисока од понудата”, вели Гордана Димитриеска Кочоска, дополнителна заменик министерка за финансии.

Двете опонентки, кои раководат со државната каса, во секој јавен настап потенцираат дека техничката влада мора беспрекорно да функционира бидејќи интересот на граѓаните треба да е на прво место. Но, додека министерката вели дека соработката им е на солидно ниво, заменичката тврди дека се соочува со опструкции и игнорантски однос на работното место.