Бизнис
25. October 2019 - 17:56

Финансии се уште анализираат на колку ќе го зголемат прагот на прогресивното оданочување и ДДВ обврзници

Ќе се зголеми ли прагот за регистрација за ДДВ обврзник? Анализите се во тек. Сега прагот изнесува милион денари и малите фирми и физичките лица кои остваруваат приходи над оваа сума имаат обврска да се регистрираат како ДДВ обврзници и да плаќаат данок. Зголемувањето на прагот беше едно од предзборните ветувања на оваа влада.

„Точно е дека се прават анализи. Анализите не се уште комплетно завршени. Се прават анализи и за прагот за ДДВ и при тие анализи не се зема предвид само фискалниот ефект, туку се зема предвид и администрацијата потребна за вложување, регистрирање и контролирање на тие мали компании. Во моментов ги правиме анализите, ја испитуваме и страната на фискалната импликација и страната на административниот товар на УЈП конкретно за да можеме да донесеме ново сеопфатно издржано решение“, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Од бинзис секторот велат дека е добро што Владата се зафатила со ваква анализа. Тие уште лани предупредуваа дека законот е товар и за фирмите и за физичките лица посебно затоа што регистрирани остануваа и оние кои еднаш влегле во системот, а во наредните години не ја надминувале сумата од милион денари. Сметаат дека прагот треба да се зголеми и тоа на милион и половина или два милиони денари годишен приход.

Законот за ДДВ е донесен во време на Владата на Љупчо Георгиевски. Со првата верзија, прагот за  станување ДДВ обврзник изнесуваше 1,3 милиони денари. Потоа беше зголемен на 2 милиони денари, а пред три години беше намален на милион што е се уште на сила.