Бизнис
24. April 2018 - 11:59

Finance Think: Порастот на платата во јануари и падот во февруари се од сезонски ефект

Просечната нето плата за 2018 година ќе се движи околу 24.000 денари, оценува Институтот за економски и политички истражувања Finance Think. Наглиот пораст на просечната плата во јануари 2018 година според нив не може да се толкува дека е резултат на порастот на минималната плата, а забележаниот значителен пад на месечно ниво на просечната нето плата во февруари не е за изненадување.

Во февруари 2018, просечната нето плата во Република Македонија забележа значителен пад на  месечно ниво од 3,6 проценти, притоа одржувајќи го започнатиот тренд на годишен раст од претходно, од 3,6 отсто. Во јануари 2018 годишниот раст изнесуваше 5,6 отсто, поради што нето платата за првпат се искачи над 24.000 денари.

- Уште при објавувањето на јануарскиот податок за нето платата, Finance Think укажа дека се работи главно за сезонски ефект, којшто се јавува вообичаено поради исплаќањето годишни додатоци на плата, а не се должи на порастот на минималната плата. Доколку се набљудува десезонираниот (долгорочен) тренд на платите тогаш тој е недвосмислено растечки, што делумно се должи и на порастот на минималната плата од октомври 2017, но конкретниот пораст на платата во јануари 2018 е во голема мера чист сезонски ефект. Во истата мера, значителниот пад на платата во февруари 2018 е, во голема мера, сезонски ефект (главно, поради пократок месец), и не се должи на потенцијално лоши економски фундаменти, појаснуваат од Finance Think.

Според нив за одбележување е дека годишниот раст на платата во периодот јануари-септември 2017 година изнесувал просечно 2,5 отсто, додека во периодот октомври 2017-февруари 2018, 3,7 отсто.

- Разликата во овие две просечни стапки на пораст може да се припише на порастот на минималната плата. Но, особено е важно, засегнатите страни да не очекуваат дека порастот на минималната плата може драстично да се одрази врз пораст на просечната плата, односно наглиот пораст на просечната нето плата во јануари 2018 во никој случај не можеше да се толкува како последица на порастот на минималната плата, истакнуваат од Finance Think.