Македонија
3. October 2021 - 19:45

Филмаџиите-аматери бараат помош од државата

Македонија има одлични филмски аматери, но ја немаат доволната поддршка од државата. Според квалитетот и резултатите, авторите на аматерскиот непрофесионален филм се на самиот врв во регионот, но за поголеми  резултати неопходна е поголема финансиска поддршка и подобри услови. Според претседателот на кино сојузот на Македонија аматерските филмови по квалитетот слободно може да се споредат со квалитетот на краткометражните играни или документарните филмови на големите автори кои своите почетоци ги имаат токму во Народна техника и Кино сојузот.

Мајсторот на аматерски филм Петре Чаповски кој веќе 52 години работи во оваа област смета дека освен финансиската поддршка, неопходно е оваа тема да биде застапена во основните училишта. Според него само еден час неделно посветен на филмската програма ќе значи многу за мотивацијата на младите, но и зголемувањето на продукцијата со аматерски филм.

Дека аматерскиот филм има долга традиција во Македонија потврдува и државниот фестивал кој оваа година слави јубилеј од 5 децении. Педесетото издание на фестивалот на непрофесионален, аматерски филм годинава се одржа во Струмица, а на истиот учествуваа 35 филмови на автори од целата држава.Во изминатите педесет  години на фестивалот учествувале преку 2500 филмови.