Македонија
4. February 2019 - 13:13

Филипче: Планираме дејноста на медицинските сестри да ја ставиме во законот и подобро да ја регулираме

Медицинските сестри се еден од столбовите на нашиот здравствен систем и со своето искуство, знаење и експертиза значајно придонесуваат во подобрувањето на исходот од лекувањето на пациентите. Како Влада сме посветени на унапредување на здравствениот систем, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче на отворањето на работилницата посветена на размена на искуства околу стандардите за професионално образование за медицинските сестри.

Тема на работилницата беше имплементација на ЕУ директивата за признавање на професионалните квалификации, во насока на препознавање на професионалците во областа на здравството, како што се медицинските сестри. Станува збор за спроведување на процесот за континуирано унапредување на знаењата и вештините, зајакнување на образовната структура и програмите за медицински сестри и акушерки.

– Почнавме со зголемување на личните примања на здравствени работници за пет проценти, а оваа година за дополнителни пет проценти ги зголемуваме платите на медицинските сестри. Како дополнителен стимул беше и реализацијата на зголемувањето на надоместокот за дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на сестрите, кои работат во клиниките и болниците, рече Филипче.

Посочи дека ставиле акцент и на тренингот за унапредување на знаењата и вештините за намалување на хоспиталните инфекции, хоспиталната култура. Во следните две години, нагласи, ќе дојдат експерти од Израел со кои потпишавме договор за надградување на знаењата не само на медицинските сестри, туку и на докторите, а во смисла на имплементирање на системот на парамедикс во нашата држава и за првпат имплементирање на систем на телемедицина.

– Во смисла на усогласување на нашето законодавство со европското планираме дејноста на медицинските сестри да ја ставиме во законот и подобро да ја регулираме, а во некоја следна фаза и носење на нов закон, по носењето на новиот закон за здравствена заштита и за лекарска дејност, но и за медицински сестри и акушерки. Тоа ќе биде систем што добро ќе ги анализира и усогласи со Европската унија квалификациите и компетенциите, а со цел секој да го добие она работно место што го заслужува согласно едукацијата, искуството и стажот. Во таа смисла и усогласување на бројот на часовите и точно дефинирање на праксата наспроти теоретската едукација, додаде Филипче.

Австрискиот аташе за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите за Македонија, Харалд Фугер рече дека во ЕУ има директива се признавање на професионалните квалификации посебно во занимањата од здравствената дејност. Според него, тие стандарди придонесуваат за многу голем квалитет во здравствените услуги.

– Овие признати занимања се многу важни за мобилноста на здравствените работници, додаде Фугер.

Људмила Гасер од австриското Министерство за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите, истакна дека кога Австрија станала членка на ЕУ тогаш сите прописи од ЕУ што се однесувале на занимањата биле предизвик.

– На пример кај акушерките моравме да го продолжиме образованието што дотогаш беше две години, но тоа не беше согласно европските стандарди. Па така, бевме обврзани да го продолжиме согласно прописите од ЕУ. Истото беше и со стоматолозите. Додека не станавме членка на ЕУ немавме стоматологија како индивидуално занимање и образование. Имавме студии по медицина, а по нејзиното завршување можеше да се достудира за стоматологија. Од ЕУ ни беше пропишано дека стоматологијата е посебно занимање и мора да му се обезбеди соодветно образование…рече Гасер и додаде дека директивата за признавање на квалификациите е од 2005 година.