Македонија
10. November 2020 - 16:43

Филипче: Нема да има полициски час

Ако граѓаните не се групираат како што одлучи синоќа Владата и ги почитуваат сегашните мерки, нема потреба од карантини и полициски час, изјави министерот за здравство. Според Филипче бројот на заразени и смртни случаи не е поразличен и од останатите европски земји, додека, пак, во новите ковид одделенија има место за прием на нови пациенти. На состанокот на Комисијата за заразни болести во четврток повторно ќе биде анализирана епидемиолошката состојба, но не се знае дали може да препорачаат нови рестрикции. 

-Засега не се планираат дополнителни рестрикции. Еднаш спомнавме дека може да има регионални рестрикции во одредени региони и прекинување на меѓуградски сообраќај, но сметаме дека засега нема најави за такви мерки, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Министерот за здравство вели дека секој матичен лекар знае која е индикацијата за заразен со Ковид да биде испратен на болничко лекување. Што се однесува за методот на филтрација на крвта, Филипче вели дека нема медицински доказ што ќе гарантира дека тоа спасува заболен со Ковид 19. Инаку, пулмолози им помагаат на лекарите од интерните клиники за дијагноза и третман на болните, а надлежните ги следат и апелите за помош за лекување во приватни болници.

-Ги следиме тие апели, контактираме со нив, некои на своја рака одат да се лекуваат во приватни болници. Еве сега во овој момент има слободни места за сместување, вели Филипче. 

Од вчера, пак во функција се и брзите тестови за кои граѓаните за 15 минути знаат дали имаат ковид или не. И за нив треба закажување преку матичен и се препорачуваат за лица кои се во првите пет дена од симптомите. 

-Имаме 250 закажани овие два дена, за пет минути завршува еден пациент кога ќе се уходаат екипите ќе има повеќе простор, вели др. Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје.

Брзите тестови се распределени во сите болнички установи каде се примаат пациенти.