Македонија
10. November 2021 - 19:47

Филипче најави нов ковид бран, но не гледа потреба за нови мерки

Македонија пред нов 5-ти бран на Ковид 19. Министерот за здравство потврди дека и кај нас како и во регионот последните  две недели има зголемување и на бројот на новозаразени и на хоспитализирани. До понеделник ќе се знае и која мутација на вирусот доминира во државата до кога се очекува да бидат готови анализите кои се прават во ИЈЗ.

По притисокот од јавноста в петок после неколку месеци официјално ќе се состане и Комисијата за заразни болести, но според она што го најави Филипче не се очекува да препорачаат дополнителни мерки. Тоа може да се случи доколку болниците се преполнат, а во моментот имало 518 хоспитализирани пациенти.

-Светското искуство покажа дека строгите рестрикции не можат да го спречат ширењето на вирусот, вакцинирањето и општите превентивни мерки остануваат најсилното оружје, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Здравствените власти не размислуваат за задолжителна вакцинација против Ковид. Нискиот опфат од околу 40 проценти имунизирано население ќе се обидат да го зголемат со апели и потсетувања од матичните лекари за значењето на вакцините.

-Денеска е испратено писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти, рече Филипче.

Во моментот во државата има 200.000 дози Фајзер, а сеуште нема термин кога ќе биде испорачани 250.000 вакцини Џонсон донација од Данска.

Филипче информираше и дека имале разговори со компанијата МЕРК за набавка на антивирусниот лек, но не прецизираше дали и колкава количина ќе купиме.