Македонија
5. April 2019 - 14:47

Филипче: Лага е дека ќе се затвора кавадаречката болница

Лага е дека ќе се затвора кавадаречката болница, ова го изјави министерот за здравство Венко Филипче, на денешната средба со здравствените работници од Кавадарци.

-Прочитав шпекулации дека имало идеја да се затвори кавадаречката Општа болница со проширена дејност. Искрено да ви кажам, тоа не е точно. Напротив, ќе продолжиме, како до сега, така и преку новите модели на приватно јавно партнерство, сите институции да ги унапредуваме. Влез и отворен пат за приватен капитал во нашите болници, не значи затворање. Напротив, значи унапредување на условите за лекување на сите наши пациенти, но и за платите и придонесите на здравствените работници. Согласно на искуствата од развиените европски земји, рече министерот, честитајќи им го претстојниот празник на здравствените работници, 7 Април, но и постигнатиот успех на оваа болница.

Министерот Филипче говореше за она што е реализирано во оваа болница и за идните планови, кога е во прашање овој објект од здравството. Рече дека континуирано се работи на подобрување на здравствената заштита но и подобрување на статусот на здравствените работници.

Тој нагласи дека во рамки на Министерството зајакнати се мерките за унапредување на здравствениот сектор, потсетувајќи на неколку направени чекори. Рече дека имаме најсовремен календар за вакцинација, согласно на препораките на Светската здравствена организација, споредено со сите земји од регионот.

Потсети на новите вработувања во целата држава, од кои 45 во кавадаречката болница и дека тој тренд ќе продолжи и понатаму.

За Кавадарци, Филипче го најави и единствениот центар во нашата држава за палијативна нега на пациенти, а најави и нова опрема за поквалитетна здравствена управа.

Во салата на болницата, беа доделени и јубилејни признанија на работници за 20-годишен стаж и пензионирање.

Директорот на болницата, доктор Диме Коцев, рече дека Светската здравствена организација како клучен глобален проблем ја избра темата „Универзална здравствена покриеност”.

-Мотото „Универзална здравствена покриеност “ или поточно кажано обезбедување на здравствена заштита на сите нивоа, кореспондира со насоките во кои се движеше нашата здравствена установа во изминатата година. Во контекст на тоа, реализиравме голем дел од поставените цели, нагласи тој, потсетувајќи на инвестициите и опремата која беше обезбедена во болницата, но и за следните чекори за подобра здравствена услуга.

Се задржа и на заштедите од домаќинското работење. Тој сподели уште една обезбедена приватна донација од страна на АД Алкалоид – Скопје, во износ од околу 70.000 евра. Истата се однесува на изградба и опремување на западниот тракт од вториот спрат од болицата, со капацитет од 18 болнички кревети, кој ќе биде во склоп на Одделението за интерни болести. Со тоа двојно се зголемува лежечкиот капацитет на ова одделение.

Како идна цел ги спомена поставувањето на фотоволтаична централа за производство на сончева електрична енергија на кровот на болницата и гасифицирањето на парниот котел за греење.

-Како заклучок може да се каже дека 2018 година е една од најуспешните години за нашата установа и се што е досега сработено не би било возможно без несебичното залагање на целокупниот медицински персонал на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кавадарци, рече Коцев.