Македонија
8. February 2021 - 15:08

Филипче: И кинеските и другите вакцини се безбедни и ефикасни

Ефикасноста конкретно на кинеските вакцини во различни публикации оди од 60 до близу 90 проценти. Меѓутоа, мислам дека сосем доволно за да се постигне саканиот ефект, а тоа е да има одреден степен на колективен имунитет, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Според него, тоа што е многу битно е количината со која целосно се покриваат две многу значајни категории, прво здравствените работници буквално сите и не само здравствени работници, како и сите други кои работат во здравствениот систем и најризичната категорија возрасни граѓани со хронични болести.

Тој рече дека вакцините на „Фајзер“, „Модерна“…, заедно со кинеската имаат апсолутно еднаков степен на безбедност.

– Развиени се безбедни платформи, нема простор за сомнеж во безбедноста на ниту една од овие вакцини. Разговараме со „Фајзер“, „Модерна“ уште на почеток ни кажаа дека најмала количина за која што разговарате е нешто што е навистина многу за нашиот пазар со оглед на тоа што веќе бевме влезени и во КОВАКС системот и во преговори со „Фајзер“. Значи понудија најмалку два милиони дози, меѓутоа отворени сме за апсолутно сите опции. Јас верувам дека после месец март многу подостапни ќе бидат сите вакцини, многу полесно ќе одат сите тие разговори и ќе се зголеми достапноста буквално секаде во Европа, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по примопредавањето на четири респираторни машини од НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемија како донација од Словак еид.

Во однос на динамиката на вакцинацијата, потенцира дека се почнува со нешто што сериозно ќе го покрене целокупниот процес на вакцинација.

– И едноставно согласно динамиката на пристигање на другите вакцини од другите системи согласно одговорот од „Фајзер“ што го чекаме веќе навистина долго време, ќе планираме и други доколку треба набавки на соодветни типови на вакцина. Што сакаме со сигурност да обезбедиме, односно од што да се заштитиме, да нема прекин во процесот на имунизација, еднаш кога ќе започне тоа да биде во континуитет за буквално според приоритетот сите критични групи, посочи Филипче.

Вакцината на „Астра Зенека“, истакна министерот, е вакцина што во делот на клиничките студии во една возрасна категорија имала помалку испитаници, меѓутоа и самиот производител сега сето тоа го менаџира. Додаде дека се уште е рано да се каже дали навистина има помала ефикасност кон некои од соевите на мутација на вирусот, но нивниот стручен тим внимателно ги следи буквално сите публикации.