Македонија
27. August 2020 - 15:58

Филипче: Да се овозможи слободен премин на границите, но да има контрола над состојбата со вирусот

Министерството за здравство информира дека денеска на пладне, Министерот за здравство Доц.д-р. Венко Филипче присуствуваше на видео конференција на тема „Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија“.  

На конференцијата учествуваа министрите за здравство на Албанија, Огерта Манастарлиу; на Грција, д-р. Василеиос Кикилиас; на Република Српска, д-р. Ален Шераниќ и на Косово, Арменд Земај, како и заменик министерот за здравство на Босна и Херцеговина, д-р. Горан Черкез, д-р. Данијела Урошевиќ, Асистент на министер за интернационална соработка и европски интеграции и д-р. Верица Јовановиќ директор на Институтот за јавно здравје од Србија и д-р. Ангел Кунчев од Бугарија– директор на здравствениот иснпекторат.

На видео конференцијата која ја иницираше Министерот Филипче, учесниците информираа за состојбата со коронавирусот во своите земји, предизвиците со почетокот на учебната година, подготовките на системот за есен и процесот за набавка на вакцината.

Во контекст на темите, Министерот Филипче информираше дека во моментов, земајќи ги во предвид главните индикатори за евалуација на епидемијата, состојбата во нашата земја е стабилна. Појасни за препораката на Комисијата за заразни болести и условите под кои на 1 октомври ќе започне учебната година кај нас, како и за подготовките и зајакнување на здравствениот систем за есенскиот период со 16-те монтажни болници низ државата со кредит од Светската Банка. Во однос на вакцината, Филипче рече дека како земја сме заинтересирани за набавка на вакцина и дека, освен што сме дел од Ковакс програмата на СЗО, добивме понуда од полскиот амбасадор во нашата земја да купиме количина од Полска од вакцината на Астра Зеника.  

Во однос на границите и слободното движење на патници во земјите од регионот, Филипче посочи дека треба да се заземе координиран пристап помеѓу земјите како границите да бидат отворени и да им се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со коронавирусот, на што се сложија и останатите учесници на конференцијата.

Врз основа на ова, на видео состанокот е договорено да се изработи иницијален документ на взаемен протокол за границите. На документот ќе работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а следната видео конференција на која ќе се дискутира за протоколот ќе се одржи, најдоцна, за две недели од денес.