Македонија
1. April 2019 - 18:33

Филипче: Да се истражи и реши случајот со фондацијата „Допир“

Министерот за здравство Венко Филипче денеска од Штип повика истражните органи да го истражат и решат случајот со измамата на фондацијата „Допир“ која преку лажни приказни за болни деца украла 50 илјади евра од хумани граѓани.

Тој посочи дека за вакви случаи алармирале и претходно бидејќи по реакциите во јавноста дека  државата не дава пари за лекување на болни деца, сами го проверувале секој случај одделно.

– Ние јавно укажуваме дека на ниту едно дете, ниту на возрасен пациент, не му е скратено правото да се лекува во странство. Инициравме дури и проверки преку мобилните оператори дали станува збор за услуга што не се прави во нашата земја и дали воопшто постојат такви пациенти, изјави Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања за тоа колкав е бројот на деца и возрасни пациенти на кои им е потребно лекување во странство, Филипче рече дека точниот број не го знае, но оти во текот на минатите години за лекување во странство се одвојувале од седум до осум милиони евра. Оваа сума, како што посочи, се намалува бидејќи како Министерство се обидуваат да ја зголемат експертизата на македонските лекари. 

– Тоа веќе почна да се имплементира во две специјалности. Едната е кардиохиругијата каде благодарение на нашиот експерт кој доаѓа од Франкфурт, веќе на нашата Клиника се изведуваат и најсложените опрации. Досега седум до осум пациенти се третирани кај нас, истакна Филипче.

Втората специјалност е трансплатацијата на коскена срцевина, а откако е воведена од Нова Година, како што посочи Филипче, ниту еден пациент не е испратен во странство. Најави дека во наредниот период ќе продолж експертизата на лекарите и во другите специјалости.