Македонија
17. September 2021 - 14:58

Филипче: Без модуларните болници ќе ни се случеше италијанското сценарио

Моделот на модуларни болници е модел без којшто не само нашата држава, туку ниту една земја немаше да може да ја менаџира кризата, изјави министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања за неопходноста од модуларните болници.

Тој истакна дека за време на пандемија, кога најмногу се потребни болнички кревети, не постои друг начин да се прошират болничките капацитети за толку краток период.

„Направивме 700 болнички кревети за помалку од 2 месеци. Благодарение на тоа, имаше каде да сместуваме пациенти. Алтернатива на тоа е италијанското сценарио, луѓето да бидат заглавени во возилата за итна помош пред болниците, да нема каде да се сместат. Едноставно, да не можеме да им пружиме соодветна помош“, изјави Филипче, додавајќи дека ова е начин на кој се менаџира пандемијата и концепт прифатен во целиот свет.

„И сега, и за време на претходните бранови има огромен број на пациенти коишто се лекуваат во модуларните болници“, додаде тој, нагласувајќи дека во периодот кога имаше над 1700 хоспитализации дневно, половина од пациентите се лекувале токму во модуларните болници.

Во однос на безбедноста и начинот на работа во овие болници, Филипче беше дециден дека Министерството добило потврда за исправност на сите инсталации, струја и канализациона мрежа во модуларните болници, како и потврда дека целиот персонал ангажиран во нив делува согласно издаденото упатство за работа.

Министерство за здравство