Живот
23. July 2016 - 20:34

ФХ3Х работеа на новиот „Гоустбастерс“, премиерата в четврток

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во изработката на визуелните ефекти на проектот "Ghostbusters" во соработка со MPC Technicolor од Лондон. Премиерата на филмот во Скопје ќе биде на 28 јули.

Кристијан Даниловски, еден од основачите и ко-сопственик на ФХ3Х изјави дека на овој проект во периодот од ноември 2015 до јули 2016 работеле 103 артисти на над 300 кадри, што е околу 17 минути од филмот.

- Филмот е забавен и се надеваме дека сите ќе уживаме во него, изјави Даниловски.

Според критиката, „Ghostbusters" се враќаат на голема врата по 30 години откако омилената франшиза не освои со својот хумор. Овојпат, посочуваат, освежени не само со одлично избраната актерска екипа од Melissa MCarthy, Kristen Wiig, Kate McKinnon, Leslie Jones и Chris Hemsworth, туку и со свежиот пристап кон комиката на светот на натприродните појави на режисерот Paul Feig.

Ghostbusters е американска акциона комедија за натприродните појави и е рестартирање на популарната франшиза на парапсихолози кои развиваат бизнис за лов на духови во Њујорк. Ерин Гилберт и Аби Јејтс се две непризнаени авторки на книга во која тврдат дека духовите се реални и вистински. Неколку години подоцна, Гилберт успева да добие престижно професорско место на Универзитетот на Колумбија, но кога нејзината книга ќе се појави, исмеана е и исфрлена од академските кругови. Откривањето на масивна река од ектоплазма и појавување на спектрална активност им овозможува на тимот на истерувачи на духови да си го „живнат„ бизнисот.

Кога духовите ќе го нападнат Менхетен, Гилберт повторно се обединува со Јејтс, и ги земаат во тимот и Џилијан Холцман која е нуклеарен инженер и Пати Толан, работничка во подземната железница, за да го спасат светот од моќниот демон Роан кој може да ги контролира луѓето.

Филмлот во Скопје ќе почне да се прикажува од 28 јули во киното Синеплекс.