Бизнис
1. July 2017 - 15:30

ФФРМ: Во Македонија треба да се работи на развој на задругарството

Потребно е заедничко учество и координација поради постабилно и поизразено лобирање во интерес на задругите. Зголемување на информираноста и едукацијата во однос на управување, маркетинг, но и производни технологии. Ова се дел од препораките кои Федерацијата на фармерите на Република Македонија (ФФРМ) ги упати на Светскиот ден на задругите за јакнење на задругарството во државата. 

Од ФФРМ наведуваат дека е потребна професионализација на тимот кој работи во задругата, посебно професионални менаџери во земјоделската задруга, усогласување на законските норми со потребите на задругите за да се поттикне развој (зголемена продажба, маркетинг, пласман) посветеност и фокус на поддршка на задругите од страна на донаторите во делот на економското здружување на земјоделците. Потребна е и промоција на женското членство и нивните еднакви придобивки и учество во донесувањето одлуки.

ФФРМ информира дека заедно со Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ) во рамки на проектот „Институционална подршка на ФФРМ“, поддржан од шведската организација „We Effect“, спровеле четири едукативни работилници на кои присуствувале 19 задруги во насока на јакнење на менаџерските, маркетинг и организациски способности за развој на кооперативата.

Формирани се две фокус групи составени од мали фармери претежно млади и жени фармери во кооперативите „Еко Илинден“, од Мустафино кои произведуваат еколошки зеленчуци и кооперативата „Агро Подлог“ во Горни Подлог. Во средината на јуни ФФРМ и МАЗЗ реализирале студиска посета на која присуствувале девет коооперативи во Република Србија. 

За време на посетата, како што се наведува, биле остварени средби со Задружниот сојуз на Србја и Задружниот сојуз на Војводина и биле посететни задруги за овоштарство, градинарство и задруга за трговија со земјоделски производи. Во рамки на посетата воспоставена е комуникација за понатамошна соработка меѓу македонските и српските задруги, пренесување на искуства и заеднички настапи на трети пазари.

Според ФФРМ, во Република Македонија треба да се работи на развој на задругарството, преку јакнење на капацитетите и воведување на нови технологии за производство. 

Во Република Македонија постојат 32 земјоделски задруги од кои 15 отсто се жени членови во задругите.