Македонија
25. April 2019 - 16:08

ФФМ ќе ја чешла регуларноста на последното коло од првата лига

ФФМ ќе ја чешла регуларноста на последното коло од првата фудбалска лига по сомнителната победа на до вчера отпишаната Беласица над лидерот Шкендија во Струмица. Ваква одлука била донесена на денешната седница на Комисијата за натпреварување при ФФМ, соопшти нејзиниот претседател Васко Дојчиновски.

Одлуката следи по серијата спектакуларни победи на струмичкиот тим против две од трите најдобри екипи во првата лига, откако претходно во текот на целата сезона, Беласица во 28 натпревари славеше само 5 пати.

Сега на потег е одделот за заштита на интегритетот при ФФМ кој треба да одлучи дали за овие скандалозни наптревари ќе ја извести полицијата и дали некој ќе понесе одговорност.

Во Премиер лигата можеби и не би било чудно кога фенерџијата во две последователни кола ќе ги победи првите два тима на табелата , но кога тоа ќе се случи во мак фудбалот, за спортската јавност нема дилема дека тоа е јасен повик и за полицијата и за обвинителството кои мора да истражат дали и кој мести натпревари во македонската прва фудбалска лига..
Во претпоследното коло, тимот на Беласица од Струмица славеше со 2:0 против градскиот ривал академија Пандев, а само 4 дена подоцна во Струмица на чуден начин падна и Шампионот Шкендија.
Циркузи, смешки, местенки, криминал се само дел од насловите кои последнава недела можат да се прочитаат во македонските спортски медиуми, а врв на се се чини е овој во најмала рака комичен автогол на репрезентативниот дефанзивец на Шкендија.

Дека Беласица ќе ниже победи против најсилните тимови за да остане во лигата знаеја сите. Многу кладилници ги тргнаа натпреварите на овие тимови од својата понуда а оние кои решија да ги остават, за победа на струмичкиот тим кој е на дното на табелата даваа коефициент 1,5 а за лидерот Шкендија неверојатни 3.70

Дека ќе следи скандал знаеја и многу прволигаши. Тимот на Победа од Прилеп на својата фан страна на социјалните мрежи победите на Беласица ги најави уште пред да почнат натпреварите. Но тоа не беше доволно за полицијата и обвинителството да отворат истраги и да проверат дали и оние малку гледачи кои доаѓаат на натпреварите во првата фудбалска лига гледаат спорт или однапред режирана претстава.

„Победа ќе одпаднe, а Беласица треба да биде спасена.Силекс, колатерална штета!“ – напиша на социјалните мрежи  тимот на Победа на 3 часа пред стартот на мечот Беласица-  Шкендија“

Со победата на Шкендија вчера и онаа над Академија Пандев за викендот отпишаната Беласица стана најсериозен кандидат за опстанок во првата лига.

Од ФФМ за Сител велат дека не е прв пат да алармираат за можна нерегуларност на одредени натпревари но на нивните реакции сите остануваат глуви.
Сител праша во МВР дали се преземаат мерки по претставките на комисиите на ФФМ и дали се води некоја истрага за наместени натпревари во мак фудбалот, но до овој момент, од полицијата нема никаков одговор.

Следниот натпревар струмичка Беласица го игра против Вардар на стадионот Борис Трајковски во Маџари. И покрај тоа што последен пат струмичани славеле пред 4 години и во моментов имаат 27 бода помалку од најтрофејниот фудбалски тим, оние кои следат фудбал не би ви препорачале да се обложите на црвено црните за овој натпревар.