Македонија
21. January 2021 - 19:38

Фетаи побара ослободување на еден и доживотен затвор за сите останати обвинети во Монструм

Слобода за Сами Љута, поблаги казни за Фејзи и Хаки Азири – ова во завршница на повтореното судење за петкратното убиство кај Смилковско го побара обвинителството. 

Фетаи вели дека не постоеле докази за вина кај Љута и затоа го повлекла обвинението против него. За Азири побара затворски казни не поголеми од 15 години. Останатите тројца обвинети од кои двајца се на Косово смета дека како директни извршители на петкратното убиство треба да добијат доживотни затворски казни.  

Според Фетаи, и покрај тврдењата дека прислушуваните разговори фрлаат друго светло на слуачјот, судската постапка ја утврдила вистината која ја застапува обвинителството.

Обвинителството ги негираше тврдењата на одбраната дека убиството се случило на друго место, а безживотните тела биле донесени покрај езерото. Тврдат дека се докажало оти автомобилот опел омега го користеле обвинетите, а не полицијата како што тврдела одбраната. 

Адвокатот на семејствата на убиените момчиња се согласува со казните кои ги побара обвинителството.

Во првото судење за Монструм, сите обвинети добија доживотни затворски казни. Нив ги укина Врховниот суд и побара предметот да се суди одново. 

Идниот месец, своите гледишта за повтореното судење ќе ги дадат и обвинетите.