Свет
1. February 2018 - 8:44

ФБИ бара да не се објавува меморандумот за наводна злоупотреба на безбедносните служби

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) изрази резерва кон идејата за објавување на контроверзниот меморандум што циркулира во Конгресот на САД и кој, според претставници на Републиканската партија, содржи информации за злоупотребата на безбедносните служби во политички цели.

Американскиот претседател Доналд Трамп побара објавување на меморандумот, а републиканското мнозинство во Комитетот за разузнување на Конгресот ја одобри оваа одлука.

Се работи за документ на четири страници, чија точна содржина се уште не е објавена, но според шпекулациите од страна на конгресмените што го виделе, ќе ја потресе политичката сцена во САД.

ФБИ соопшти дека е можно во документот да има непроверени или неточни информации и поради тоа е подобро тој да не се објавува.

Демократските конгресмени исто така се строго против објавување на документот, што само дополнително ги подгреа шпекулациите и ги засили барањата за негово објавување.

Трамп обвини дека во 2016 година неговата предизборна кампања била цел на американските безбедносни служби, кои го прислушкувале него и неговите најблиски соработници под изговор дека водат истрага за нивните врски со Русија, а потоа тие информации ги доставувале до таборот на противкандидатката Хилари Клинтон.

Гневот на Трамп се засили откако беа објавени пораки што ги разменувале високи офицери на ФБИ со отворено политички пристрасна содржина, вклучувајќи и размислувања дека Бирото треба да дејствува во случај Трамп да биде избран за претседател.

Трамп го разреши директорот на ФБИ Џејмс Коми, а неодамна и вториот човек на Бирото, Ендрју Мекејб, поднесе оставка.