Свет
18. January 2021 - 8:33

Фаучи: Сто милиони дози вакцини во САД во првите 100 дена на Бајден е „изводливо“

 Целта на новиот американски претседател Џо Бајден за 100 милиони дози вакцина против коронавирусот во текот на првите 100 дена од неговиот мандат е „изводлива“, изјави Ентони Фаучи, кој ќе биде главен советник на Бајден за Ковид-19.

– Сосема е јасно дека тоа е изводливо, изјави Фаучи за Ен-Би-Си. Тој беше и главен советник за Ковид-19 на претседателот во заминување Доналд Трамп.

Иако две вакцини се тестирани и одобрени за рекордно време, темпото на вакцинација е под критика во САД. Според Центрите за контрола и превенција на болести, веќе се испорачани 31,1 милиони дози, но искористени се помалку од 40 проценти.

Покрај тоа, некои држави, вклучително и Њујорк, предупредија дека следната недела може да останат без вакцини поради недоволна испорака координирана од сојузната влада, откако значително ја забрзаа кампањата за вакцинација

Во исто време, земјата минува низ најлошата фаза од пандемијата досега, САД во вторникот имаа реорден број на смртни случаи од 4.470 за 24 часа. Речиси 20.000 луѓе починаа во изминатите пет дена.

Идниот шеф на Кабинетот на Бајден, Рон Клајн, вчера призна дека очекува во февруари да се надмине прагот од 500.000 смртни случаи од Ковид-19. Во САД во моментов има повеќе од 395.000 смртни случаи.