Бизарно но вистинито
2. November 2015 - 11:53

Езеро на смртта - Мислеле дека е легенда, а потоа местото станало масовна гробница

Речиси идеално кружното кратерско езеро се наоѓа на надморска височина од 1000 метри, на средината од ридот кој му припаѓа на планинскиот венец Оку
 
 
Жителите на Камерун отсекогаш имале стравопочит кон нивното преубаво езеро Најос. Речиси идеално кружното кратерско езеро се наоѓа на надморска височина од 1000 метри, на средината од ридот кој му припаѓа на планинскиот венец Оку.
 
Понекогаш сивосиното небо над Централна Африка се огледува во кристалната поршина на 200 метри длабокото езеро, но понекогаш вулканското езеро го обвиваат таинствени облаци од магла. Ова е едно од оние места каде природата на Африка се прикажува во нејзиното најчудесно издание.
 
Ваквата слика никако не се вклопува во страшните приказни кои во народот Банту се пренесуваат од колено на колено. Се вели дека езерото наеднаш може да исфрли смрт! Етнолозите ова долго време го сметаа за народна легенда, а потоа на 21 август 1986 година се случи катастрофа и оттогаш езерото Најос се смета за најопасно на светот.
 
Тој 21 август 1986 година умреа 1700 луѓе и сите животни. Смртта ги стаса без предупредување, полека и ненадејно. Луѓето испопаѓаа на земја на местата каде што се затекнаа/ Умираа кози, овци и говеда. Еден мисионер кој меѓу првите стасал во областа погодена од катастрофата, потоа раскажуваше дека дури ни мувите не ги напаѓале мртвите тела, оти и мувите паѓале мртви од небото.
 
Езерото Најос, кое поради водата и изобилството од риба се сметаше за извор на животот, навистина „исфрлило смрт“ од длабочините на езерото и две долини наеднаш се исполниле со 1,6 милиони тони јаглен диоксид. Дури 27 километри околу езерото гасот бил смртоносен.
 
И релативно мали количини ЦО2 можат да предизвикаат смрт. Човекот ја губи свеста ако воздухот што го вдишал содржи 5 отсто ЦО2, а умира ако содржи 7 отсто. Сите села во околината на езерото биле евакуирани, а некогашните жители и нивните потомци - околу 12 илјади луѓе - и денес живеат во седум новоосновани села на безбедна оддалеченост од езерото.
 
 
 
Научниците ширум светот се обидоа да откријат од каде толку ненадејно се создала толкава количина јаглен диоксид и дали слична катастрофа би можела да се повтори.
 
Објаснувањето е втемелено врз чиста физика. Водата на површината од езерото е многу потопла и со самото тоа многу полесна одошто водените слоеви под неа. Колку е подлабока водата, толку е постудена и потешка и содржи поголема количина ЦО2 под огромен притисок. Кога езерото ненадејно ќе се разбранува, слоевите се поместуваат и смртоносниот гас може да излезе. 
 
Не е познато што точно се има случено на 21 август 1986 година. Можеби причината била помал земјотрес или лизгање на земјиштето на брегот од вулканското езеро. Она што сигурно се знае е дека таква смртоносна ерупција може да се случи на секои 10 до 30 години.
 
Затоа во 2001 година, во езерото е поставена цевка која го извлекува ЦО2 од длабочините на езерото. Од 2011 година цевката функционира независно и без вештачки погон. Вулканското езеро на некој начин доби вештачки гејзир кој спасува живот, а и убаво изгледа. Така езерото полека се ослободува од смртоносниот гас. Проектот е толку успешен што во меѓувреме се поставени уште две цевки.
 
Луѓето кои на времето живееле покрај езерото и ден-денес имаат последици од кобната августовска ноќ во 1986 година. Околу 12 илјади луѓе - преживеаните потомци - околината на езерото се уште ја сметаат за родно место. По евакуацијата на располагање им се ставени мали парцели, а некои семејства и денес имаат само 50 квадратни метри земја. Затоа многумина би сакале да се вратат назад.
 
Владата на Камерун постојано им ветува дека ќе можат да се вратат кога од езерото ќе бидат извлечени гасовите и кога ќе стане безбедно, пренесува Африка-инфо. Во меѓувреме, количината на ЦО2 опадна за 40 отсто и опасноста станува се помала.
 
Но, се појави и нов, загрижувачки проблем. Езерото има природна брана, која е се понестабилна. Геолозите сметаат дека би можела да се урне, а со тоа на езерото му се заканува катастрофа од друг вид.
 
Ако геолозите не успеат да најдат решение и да го спречат уривањето на браната, езерската вода ќе се излее во долината и ќе убие илјадници луѓе.
 
Геолозите немаат многу време да најдат решение, оти браната, според проценката на научниците, ќе издржи уште најмногу пет години.