Балкан
17. јуни 2021 - 12:23

Европски заем од 10 милиони евра за Србија и Црна Гора за воздушниот сообраќај

Европската инвестициска банка одобри заем од 10,3 милиони евра за Контролата на летање на Црна Гора и Србија за подобрување на квалитетот на воздушниот сообраќај во регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова го соопшти денеска Европската инвестициска банка, објаснувајќи дека коридорите што ги контролира оваа служба на контрола на летање е клучна за целиот Западен Балкан. Со овие пари треба да се зајакне безбедноста на воздушниот сообраќај и интероперабилноста на услугите на контролата за летање за да се усогласи со нивото на земјите на Европската Унија.

-Зголемената безбедност на воздушниот сообраќај е дел од главните европски цели, посебно во транспортниот сектор кој беше тешко погоден од пандемијата од Ковид-19. Драго ми е што Србија може да ги искористи финансиските средства на ЕУ за овој проект кој придонесува за интеграцијата на Западниот Балкан, изјави Сем Фабричи, амбасадорот на ЕУ во Србија.