Бизнис
17. September 2019 - 14:08

Европски Парламент даде зелено светло за Кристин Лагард да биде на чело на ЕЦБ

Европскиот парламент ја одобри кандидатурата на Кристин Лагард за директор на Европската централна банка. Веста беше објавена на профилот на Твитер на ЕП.

Со 394 гласови „за“, 206 „против“ и 49 „воздржани“, европратениците ја поддржаа номинацијата на Кристин Лагард за претседател на Европската централна банка.

Европскиот парламент го дава своето необврзувачко мислење за соодветноста на кандидатот за претседател на ЕЦБ, а конечната одлука ја носи Европскиот совет. Кристин Лагард треба да го замени досегашниот претседател на ЕЦБ, Марио Драги на 1 ноември.

Претходно денес европратениците разговараа дали кандидатот ги исполнува условите за функцијата.

Отсега, кандидатурата на Лагард ќе биде на агендата на октомврискиот Европски совет.

Кристин Лагард беше номинирана во јули 2019 година од страна на лидерите на ЕУ за наследник на Марио Драги, чиј мандат истекува на крајот на октомври. Таа беше извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд од 2011 година и претходно заземаше неколку министерски места во Франција, вклучително и како министер за економија, финансии и индустрија од 2007 до 2011 година.

Претседателите на ЕЦБ се назначуваат за едногодишен мандат со одлука на шефовите на држави и влади во ЕУ, но парламентот мора претходно да го изрази своето мислење. Мислењето на европратениците не е обврзувачко за Европскиот совет, но тоа има важност за легитимноста на кандидатот бидејќи доаѓа од демократско избрано тело на ЕУ.

До неодамна, Кристин Лагард беше шеф на Меѓународниот монетарен фонд, кој,најверојатно, ќе биде предводен од друга жена – Бугарката Кристалина Георгиева.