Македонија
25. February 2017 - 18:10

Европратениците во амандман на Резолуцијата за Македонија бараат транспарентна транзиција на власта

Пратениците во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) договорија 28 компромисни амандмани, како замена за 318-те амандмани поднесени на предлог-Резолуцијата за Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Пред второто разгледување на македонската резолуција во АФЕТ-групата, што ќе се одржи во понеделник (27 февруари) и гласањето за неа во Комитетот ден подоцна, европратениците усогласија 28 компромисни амандмани, кои содржат и термини „Македонија“, „македонски“ и слично, но исто така и предвидување дека македонската држава ќе добие нова влада, па се бара „транспарентна транзиција“.

Најпрво се бара во Резолуцијата да се најде дека „ЕП ја потврдува својата недвосмислена и силна посветеност на процесот на пристапување на земјата во ЕУ“, како и дека „по две одложувања да се одржат предвремени парламентарни избори во Македонија, на 11 декември 2016 тие беа одржани во уредна и мирна атмосфера, во согласност со меѓународните стандарди и во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и поминаа без поголеми инциденти, генерално добро спроведени, а одѕивот на гласачите беше висок“.
 
Во однос на очекуваните реформи на ЕУ во однос на правосудството, јавната администрација, основните права, добрососедски односи, медиумите и вработувањето на младите, се инсистира и „на преглед на Охридскиот рамковен договор“. А, за отворање на пристапните преговори за Македонија со Европската унија, наместо „безусловно“, како што се бараше претходно, сега со компромисен амандман на Резолуцијата „отворањето на преговорите за членство треба да се гарантира по исполнувањето на потребните услови“.
 
Додека регионалната соработка и добрососедските односи се суштински елементи на процесот на проширување, Процесот за стабилизација и асоцијација и процесот на пристапување на земјата, билатералните спорови не треба да се користат за да се попречи процесот на пристапување во ЕУ, ниту за отворањето на преговорите за членство, но да бидат соодветно опфатени во конструктивен дух и во согласност со стандардите на ЕУ и на ОН, а сите напори треба да водат кон одржување на добрососедските и меѓуетничките односи - бараат европратениците.
 
Со осмиот компромисен амандман, европратениците очекуваат „формирање нова, стабилна и одговорна влада и транспарентна транзиција, во согласност со уставните и законските барања и постапки“. Тоа значи дека Европарламентот однапред (ќе) знае со оваа Резолуција дека во Македонија ќе има промена на власта, па бара транспарентна транзиција. А, исто така, во овој компромисен амандман се повикуваат сите страни во Македонија „да се воздржат од какво било попречување во однос на ефективното функционирање на парламентот“.
 
Се повикуваат и сите партии целосно да ги имплементираат Итните реформски приоритети на Европската комисија за земјата и договорот од Пржино, чие спроведување, според европратениците - е од витално значење и пошироко од изборите, а со цел да се обезбеди политичка стабилност и одржливост во иднина. Во овој контекст, со компромисниот амандман се бара и реактивирање на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) на Еврокомисијата и Македонија, а и ЕП ја повикува Комисијата и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) „да се зголеми видливоста на проектите финансирани од ЕУ во земјата, со цел Унијата да се доближи до граѓаните на земјата“.
 
Со компромисниот аманадман 13, ЕП „ја повикува новата влада да воспостави транспарентни и ефикасни линии на одговорност меѓу и во рамки на институциите и препорачува правична застапеност на сите заедници во сите нивоа на јавната администрација“. А, неколку компромисни амандмани се и за безусловна и непречена работа на Специјалното обвинителство, на кое требало „да му се даде време и сите ресурси и без опструкции“ да ја вршело својата работа, која, според компромисниот амандман 15, треба да доведе до „правна и политичка одговорност“.
 
- Европарламентот е загрижен за сигналите што доаѓаат од граѓанските организации, а кои се однесуваат на влошување на климата во која тие работат и останува загрижен за радикалните јавни напади на граѓанските организации и странски претставници од страна на политичарите и медиумите. ЕП ја признава и ја охрабрува важната улога на граѓанските организации за мониторинг, поддршка и унапредување на демократските процеси, вклучувајќи го и изборниот процес, како и обезбедувањето проверка и рамнотежа, се вели во амандманот 19, каде ЕП треба да даде целосна поддршка на невладините организации во Македонија.
 
Во однос на заштита на правата на ЛГБТ-групите во земјата, со амандман се бара ЕП да ја потсети Владата и политичките партии за нивната одговорност во обликувањето, со закон и во пракса, на култура на вклучување и толеранција, а се бара и промоција на родова еднаквост и поголемо учество на жените во политичкиот живот и во вработувањата.
 
Исто така, со амандман се бара Европскиот парламент да смета дека се потребни конкретни мерки со цел да се постигне општествена кохезија меѓу различните етнички, национални и верски заедници во Македонија.
 
- ЕП ги потсетува владините и партиските лидери на своите заложби за целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор на инклузивен и транспарентен начин, да се заврши задоцнетиот преглед без натамошно одлагање, вклучувајќи ги и политичките препораки и да се обезбеди доволен буџет за негово спроведување. Се осудува секој облик на иредентизам и секој обид да се распаднат различни социјални групи и се нагласува важноста да се започне долгоочекуваниот попис без натамошно одлагање - се бара во компромисниот амандман 22 за предлог-Резолуцијата за Македонија во ЕП.
 
Во последните компромисни амандмани се бара „од новата влада“ да ги истражи сите случаи на заплашување новинари и да обезбеди медиумски слободи и независност на медиумите, се поздравуваат економските политики и успешното намалување на процентот на невработени, се поздравуваат регионалните иницијативи за поврзување преку „Берлинската конференција“ и се пофалува земјата за конструктивната улога и соработка и за огромните напори во решавањето на предизвиците од кризата со миграцијата, со што „значително се придонесе за безбедноста и стабилноста на ЕУ“.
 
Во понеделник е второто разгледување и прифаќање или одбивање на компромисните амандмани на предлог-Резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија во рамки на Комитетот за надворешни работи. Ден подоцна, односно во вторник, европратениците во АФЕТ-групата ќе гласаат за македонската Резолуција, а на 14-ти март во ЕП во Стразбур, целиот состав на Европарламентот ќе ја донесе Резолуцијата на пленарна седница.
 
Инаку, Резолуциите на Европарламентот за сите држави немаат правно дејство, туку се само советодавни и може, но не мора да се земат предвид од другите ЕУ-институции и од земјите-членки на Европската унија.